March 2011 Update/mk
Здраво!
Во текот на изминатата деценија Викимедија постигна чудесни успеси, и сето тоа благодарение на вас. Ви благодарам што сте така феноменални.
Јас сум Сју Гарднер и раководам со Фондацијата Викимедија – непрофитна организација со седиште во Сан Франциско и шеесетмина вработени. Ние ги сносуваме трошоците за податочниот проток, набавуваме опслужувачи и обезбедуваме правно застапништво за проектите на Викимедија. Исто така работиме и на развојот на технички и друштвени решенија кои би ја поддржале вашата работа. Во ова обраќање сакам да ви го најавам она што се планира, и да ви ги ставам на увид новите податоци за трендовите во уредничката заедница.
Да започнам со малку контекст. Како и да гледаме, проектите на Викимедија се во расцут. Читаноста и понатаму расте, со над 400 милиони посетители месечно. Вкупниот број на статии, како и нивниот квалитет исто така продолжува да расте. Секоја година добиваме сè повеќе парични парилози од јавноста. Материјалот од проектите и понатаму слободно се шири: можете да го забележите на карти и друштвени мрежи. а достапен е и на мобилни телефони, таблици и е-читачи. Умножен е на безброј други страници и се користи на најразлични начини. Сето ова е позитивно.
Но дел од мојата работа е и да внимавам на проблеми. Така, пред неколку месеца, Фондацијата Викимедија спроведе истражување за да стекне подобар увид во внатрешната динамика на нашите заедници. Исходот од овој потфат е Испитувањето на трендовите на уредниците (резултати),[1] кајшто се разгледуваат пет крупни јазични изданија: англиското, германското, руското, француското и јапонското.
Можете да забележите дека резултатите од испитувањето се малку сирови: има разни необработени и неуточнети податоци. Ова не е случајно. Наодите ви ги ставаме на увид уште во раната фаза, за да можете да ни помогнете да ги протолкуваме досегашните резултати и да ги разгледаме можните решенија по пат на дискусии во заедницата. Исто така го отворивме и кодот со чија помош го спроведовме испитувањето, за да можете да ја видите методологијата, да ги разгледате податоците од различни агли и да ги прегледате другите проекти и јазици.
Што заклучивме
Сметаме дека испитувањето укажува на следново: Помеѓу 2005 и 2007 г. новодојденците почнале да се соочуваат со големи маки при пристапувањетп во заедницата на Викимедија. Пред 2005, речиси 40% од новите уредници на англиската Википедија продолжиле да бидат активни по една година од стапувањето. По 2007 г. само 12-15% од новодојденците останале да работат по една година. И по 2007, голем број на посетители сакале да станат уредници, но сега сè повеќе од нив се соочувале со неможноста да се вклопат во заедницата, и затоа сè порано се откажувале од учество. Пробивањето во заедницата на Викимедија станало претешко.
Овие општи шеми можат да се забележат и кај другите испитани јазици.
Ова може јасно да се види од долунаведениот графикон од испитувањето на англиската Википедија. Прикажан е бројот на активни уредници (сино) наспроти процентот на уредници кои се зачлениле тој месец и сè уште се активни по една година (црвено).[2] Треба да се има на ум дека истото важи дури и за новите уредници со барем 50 уредувања – не станува збор само за пораст на експериментирањето и вандализмот.
Од ова ново испитување се гледа дека нашите заедници стареат, веројатно како директна последица од овие трендови. Ова не значи дека се зголемува просечната старост на уредниците, туку нивниот просечен стаж. Новодојденците сочинуваат сè помал дел од вкупното уредништво, а се намалува и апсолутниот број на новодојденци. Овој проблем ги засега сите, бидејќи ова значи дека искусните уредници ќе мораат да се справуваат со сè поголем работен обем, и сè потешко ќе се наоѓаат администратори и бирократи. Искисните википедијанци веќе со години ги гледаат овие промени, но дури сега доаѓаме до податоци во прилог на тие заклучоци.
Врз основав на овој и други истражувања (на врските подолу) го заклучивме следново: As successful communities get really big, стануваат гломазни и се соочуваат со проблеми во растот. Надоаѓаат многу нови уредници и предизвикуваат т.н. „ефект на вечен септември“, каде постојната заедница се мачи да ги вклопи новодојденците, истовремено стремејќи се да ја запази својата работоспособност. Поради ова се јавуваат механизми на самопоправка и самоодбрана – што во нашиот случај се покажа дека се враќање, бришење и предупредување на корисници со помош на ботови и скрипи, како и усложнување на правилата. Сите овие механизми очигледно се корисни и постојат со добра причина - како решение на вистински проблеми и си ја вршат работатата запазувајќи го квалитетот на содржините. Но ова истовремено сè повеќе им отежнува на новодојденците, што значи повеќе рабоа на товар на искусните. Корисниците ми велат дека уредувањето во 2001, 2003 или 2005 им било поисходно и позабавно отколку денес. Мислам дека дел од ова се должи на обична носталгија, но и дека делумно се во право.
Отвореноста раѓа учество
Мислам дека треба нешто да направиме уредувањето повторно да биде забавно за сите: и за новодојденците, и за искусните. Некои од вас ќе се запрашаат дали тоа е изводливо без да настрада квалитетот. Според мене ваквото размислување води во погрешна недоумица што ќе нè заглави. Квалитетот и отвореноста одат рамо до рамо: ако тоа не е така, Википедија немаше ни да постои. Википедија е најголемиот, најдобриот и најупотребуваниот извор на информации во историјата на човештвото. Отвореноста очигледно работи.
Затоа, гледајќи дека механизмите за обезбедување на квалитетот им прават пречки на добронамерните новодојденци, проблемот би се решил со подобри механизми кои ќе го запазуваат квалитетот без да прават толкава ненамерна штета. Со приливот на нови учесници ќе го прераспоредиме работниот обем, и целиот потфат ќе стане попријатен за сите. Сметам и дека треба да обратиме внимание на активности што ќе ги воведат и оспособат новите корисници, за да можеме сите да се чувствуваме ценети и добредојдени.
Еве некои прашања:
Дали да ги советуваме новите уредници да ставаат повеќе за себе на корисничките страници, за да можеме полесно да ги издвоиме добронамерните и да им дадеме поддршка и потстрек? Дали да изработиме повеќе автоматизирани механизми за уредниците да можат меѓусебно да си оддадаваат признанија? Дали да изработиме алатки што би ги поврзувале новите уредници со искусни подучувачи? Дали ни требаат подобри почетни курсеви? Дали треба да има подобрени полујавни места за пишување на нацрт и работни верзии на страници како на руската Википедија, за да им дадеме можност на новите статии да се развијат во инкубатор наместо да ги избришеме? Што друго треба да направиме?
Ова е потфат од голема важност. Ќе успееме ако вие —срцето и душата на проектите, најактивните и најупатените— работите заедно со Фондацијата Викимедија и меѓусебно. На Фондацијата ѝ требаат вашите идеи, вашата стручност и поддршка. Се надеваме и дека ќе развиете меѓусебни дискусии. Со ова започнуваме ново поглавје во нашата историја, отворајќи ги пошироко вратите на нашите заедници, но истовремено внимавајќи на светот да продолжиме да му нудиме сè поквалитетен извор на знаење.
Престојнава година
Во февруари годинава го објавивме стратешкиот план на Фондацијата Викимедија, кајшто се утврдени нашите долгорочни приоритети. Врз основа на овој план изработивме опширна анализа на нашите проиводни приоритети наречена „Извештај за производи“ (Product Whitepaper).
Во текот на престојнава година особено внимание ќе обратиме на проблемите што ни ги посочува испитувањето на трендовите. Општо земено, тоа е зголемување на заедницата -- да создадеме атмосфера на разноликост која ќе биде привлечна за секој што сака да помогне. Некои од овие проекти ќе го зголемат приливот и разноликоста на новите корисници, но истовремено ќе мораме да ја зголемиме и стапката на задржување на уредниците. Еве на што претежно се задржуваме годинава:
- Изработка на визуелен уредник: Изработуваме нова уредничка околина за проектите која е поедноставна за употреба и не бара од корисниците да научат посебна викисинтакса. Ова е сè уште во почетна фаза, и новиот главен архитект Брајон Вибер ќе игра клучна улога во подготовката на програмската подлога за оваа крупна промена. Ова е долгорочен проект и огромна промена, но мораме да го започнеме сега ако сакаме да негуваме една поотворена и поразнолика заедница.
- Подобрување на искуството на новодојденецот: Спроведуваме низа експерименти со техниката и заедницата за да им го подобриме искуството на новите добронамерни корисници. Тука спаѓаат алатки за оддавање на признание и експерименти со подучување (учење од нечие искуство како програмот за подучување на германската Википедија и инкубаторот за статии на руската) како и подобрување на посредникот за новите корисници. Имаме замислено да спроведуваме разни напоредни експерименти секоја недела, и постојано да ги преточуваме наодите во подобрувања на развојниот процес на програмската опрема и заедницата. Ќе направиме многу страници кајшто ќе можете да ни помогнете, но засега можете слободно да коментирате и на овдешната страница за разговор.
- Поддршка на проширувањето на заедницата во земјите во развој: Сметаме дека во иднина, Индија, Бразил, Блискиот Исток и Африка ќе играат голема улога во растот на проектите. Сакаме да сме присутни сега, да им помогнеме во зголемувањето на заедниците, за да можат да шират слободно знаење. Работиме на катализирање на заедниците со активности на интернет и лични средби. Исто така, ангажирани сме и во отстранувањето на техничките потешкотии при внесување и приказ на текст на многу разни јазици. Програмите за Индија на Мета, поштенските списоци за Индија, проектот Катализатор - Бразил на Мета и поштенските списоци за Бразил се дискутираат и усогласуваат со големо внимание. Фондацијата ги прошири и програмите за доделување на средства во поддршка на глобалната заедница и иницијативите на ограноците.
- Опслужување на сите видови уреди: Без оглед дали користите „паметен телефон“ или евтин модел, таблица или сакате пристап кога не сте на интернет, треба да бидете услужени најдобро што може. Ова е од суштинско значење ако сакаме да дојдеме до милијарди нови читатели, и да им дадеме можност да уредуваат на луѓето што никогаш нема да допрат личен сметач. Моментално сè уште сме во фаза на осмислување, но можете да прочитате повеќе за мобилната стратегија.
- Да создадеме пријатно место учество со мултимедијални содржини и нивно прегледување: Сликите, аудио и видео снимките ги збогатуваат и подобруваат нашите проекти, а ова е областа кајшто бележиме голем пораст во бројот на учесници, квалитетот и квантитетот. Тие можат да играат улога на лесни и пристапни воведници што ќе водат кон продлабочување на ангажираноста. Работата на овој план ја започнавме со проектот за употребливост на мултимедијалните содржини (вид. извештај), но сè уште не сме завршиле. За да избегнеме судири помеѓу квалитетот и приливот, на оваа проблематика ѝ приоѓаме со двократен пристап: ќе изработиме нови алатки за проверка и раководење кои се предвидени да внимаваат на учесниците, но и да бидат мошне делотворни.
Продолжуваме да се залагаме и на други места како подобрени системи за дискусии, алатки за проверка на квалитетот и означување и пакување на содржините за користење вон интернет. Работиме и на важни инфраструктурни подобрувања на мрежното место. Но горенаведените пет потточки ни се приоритетни и во нив вложуваме максимални напори оваа календарска година.
За да ги оствариме овие цели ќе работиме во партнерство со разни локални ограноци ширум светот. Нашиот конечен успех секако зависи и од соработката со вас како поединци.
Приклучете се: разгледајте ги податоците и наодите, придружете им е на активните проекти и помогнете ни да ја подобриме нашата технологија и нашите процеси. Бидете смели и направете го неочекуваното - секој од нас е предводник.
Ви благодарам што одвоивте време да го прочитате ова обраќање – се надеваме дека наскоро ќе добиеме ваши мислења и предлози.
- Сју Гарднер
- Извршен директор на Фондацијата Викимедија
Белешки
Дополнителни материјали
Дидерик ван Лире, Хауи Фунг. Испитување на трендовите на уредниците. март 2011.
Бонгвон Су, Грегорио Конвертино, Ед Х. Чи, Питер Пироли. Единството не е блиску: Забавениот раст на Википедија. Во Proc. of WikiSym 2009. октомври 2009. Флорида, САД
Во ноември 2009, корисникот WereSpielChequers го спроведе испитувањето Однос кон новодојденците во поглед на критериумите за брзо бришење на англиската Википедија, каде искусни википедијанци преправаа дека се новодојденци за да добијат увид во постапките за брзо бришење гледани низ призма на новодјојденец. Самиот опит беше контроверзен, а еден критичар се изјасни: „Не верувам дека има таков што озбилно порекнува дека постои проблем со односот кон новодојденците”.
Во декември 2009, Марк Греам, истражен соработник на Оксфордскиот интенрет-институт, објави анализа на статиите за геоозначени места на англиската Википедија која укажува на тоа дека Африка и Кина се многу слабо покриени. Со ова, Греам заклучи: „јасно е дека темите за пишување се далеку од потрошени”.
Во анкетата за поранешните учесници објавена во февруари 2010, околу половина од испитаните 1.200 уредници изјавиле дека заминале од лични причини. Една четвртина од нив рекле дека престанале да уредуваат поради проблеми во заедницата, вклучувајќи го општењето со други уредници што се покажале тврдоглави, пристрасни или непријателски настроени.
Шиџу Алекс изработи статистички извештај за Википедиите на индиските јазици за 2010 г. Во извештајот се зборува за забавената стапка на создавање на статии на Википедиите на индиските јазици за сметка на нивниот квалитет.
Во февруари 2011, Сју Гарднер објави блог-напис кајшто се насобрани коментари на жени што ги раскажуваат нивните искуства при уредување на Википедија, преземени од дузини дискусии што се јавија на ранзни места поттикнати од написот за половиот јаз во New York Times.
Нашиот соработник Ленарт Гулдбрандсон и раководителот на одделот за Досег во јавноста, Френк Шуленбург го започнаа Проект за подобрување на создавањето на сметки кој има за цел да го зголеми бројот на луѓето што создаваат корисничка сметка и фактички почнуваат да уредуваат.
Корисникот Kaldari изработи скрипта наречена Wikilove („Викиљубов”) – со цел да поттикне ВикиЉубов на Википедија, олеснувајќи го доделувањето на награди и подароци на корисничките страници за разговор. Инсталирајте ја и користете ја! :-)